Воспоставувањето соработка и создавање силни врски помеѓу училиштата за СОО и работодавците е од суштинско значење за двете страни. Всушност, многу од вас веќе имаат воспоставено соработка. За оние работодавци коишто сè уште не го направиле тоа, можете да изберете од Училиштата за СОО во земјава и да иницирате соработка. Тие можат да ви најдат ученици за пракса коишто се посветени на обуката на работното место, но и да препорачаат работници од нивните листи на завршени ученици.
Вие како работодавци знаете дека дури и со сегашното ниво на невработеност, честопати е многу тешко да се најдат соодветни работници. Ги идентификувавме занимањата што се барани во моментот, како и оние што ќе бидат барани во блиска иднина. Сега ни требаат стандарди на занимања што најдобро ќе го опишуваат она што ви треба. Со активно вклучување и придонес кон развојот на стандарди на занимања, вие како работодавци ќе имате придобивка, пред сè, од тоа што работниците и вработените ќе ги поседуваат вештините што ви се потребни.
Од друга страна, вработувањето на учениците кои завршиле СОО ќе им овозможи на работодавците да ги пополнат празнините во вештините што постојат во рамките на нивната сегашна работна сила, како резултат на фактот дека учениците кои завршиле СОО почнуваат да учат вештини што се специфични за секторот уште од првиот ден и развиваат специјализирани знаења што позитивно ќе влијаат на вашите деловни процеси.
Придобивките од нудењето на програми за пракса за стручна/практична работа произлегуваат и од следново: повратот од продуктивните резултати на обучуваните лица, (заштедата на) трошоци за вработување на надворешни квалификувани работници, (заштедата на) трошоци од прекини на работата кога има недостаток од квалификувани работници, разликите во резултатите меѓу работниците обучени во компанијата и надворешно квалификуваните работници, дополнителни придобивки (на пр. подобрување на имиџот). Работодавците жнеат придобивки од заштедата на трошоците што би настанале доколку би морале да вработат нови вработени, вклучувајќи го тука процесот на вработување, интеграцијата на нови вработени, како и ризикот од ангажирање на лице коешто не ù е познато на компанијата од претходно.