Подготовката на програми за стручно образование е тесно поврзана со економскиот, технолошкиот и социјалниот развој на општеството во целина. Училиштата и институциите за обука треба да бидат во можност навремено да одговорат, како на индивидуалните потреби, така и на можностите за вработување.
Наставната програма којашто е базирана на модули и компетенции претставува пристап во кој е интегрирано стекнувањето на општи познавања, стручна теорија и практични вештини. Преку образовниот процес, учениците ќе стекнат компетенции за извршување на сеопфатни работни задачи, а, исто така, ќе се здобијат и со признаена квалификација.
Основната цел е да се создадат флексибилни и отворени образовни програми коишто можат да се споредат и да бидат релевантни во однос на оние коишто се достапни во земјите од ЕУ, а притоа ги исполнуваат потребите на пазарот на трудот. Стручното образование коешто е реформирано обезбедува наставни планови и програми за тригодишно стручно образование за занимања.
Стручното образование за занимања трае три години и овозможува директен влез на пазарот на трудот или понатамошно продолжување на образованието. Практичната обука се реализира, како во училиштата за СОО, така и преку практични програми, обезбедени од страна на работодавачите. По завршувањето на стручно образование за занимања, учениците полагаат завршен испит и добиваат Диплома.
Ефективното функционирање на СОО зависи од јасната рамка на квалификации коишто можат да бидат признаени. Квалификациите коишто се дел од националниот образовен систем се дефинирани во Националната рамка на квалификации каде е прикажано следното резиме во однос на стручната обука и стручното образование за занимања.
Услови за упис |
Завршено основно образование. Можат да се запишуваат ученици со посебни потреби. |
Стручно образование и обука |
Времетраење од три години. Образовниот процес се реализира во согласност со наставните планови што се подготвени од страна на Бирото за развој на образованието и Центарот за ССО, а усвоени од страна на Министерот за образование и наука. Наставата се врши во стручни училишта или во институции за образование на возрасните. Практичната работа се спроведува во училиштата и/или кај работодавач. Во наставните планови и програми се содржани цели, образовни области, теми и содржини, активности и методи за настава, вклучувајќи задолжителна употреба на ИКТ, образовни стандарди, профил на наставниците, простории и опрема и оценување на резултатите на учениците. Новите наставни планови и програми за тригодишно СОО се базирани на стандарди за квалификации коишто се соодветно поврзани со релевантните стандарди на занимања. Трите елементи (наставна програма, стандард за квалификации и стандард на занимање) беа креирани на синхронизиран начин, во согласност со кохерентна методологија. |
Квалификации на наставниците |
Сите наставници имаат високо образование и полагаат стручен испит. Кандидатите што доаѓаат од ненаставничките факултети полагаат за дополнителна квалификација за методика во акредитирани образовни институции и стручен испит, во согласност со Законот за средно образование. По исклучок, наставници за практична обука можат да бидат и лица со завршено специјалистичко средно или високо стручно образование, со наставни квалификации од соодветни факултети и положен стручен испит. Една компонента од континуираниот стручен развој на наставниците за СОО (за стручни предмети и за практична работа) е обуката во компании. Обуката опфаќа: технолошки иновации, безбедност и заштита на работното место, комуникација, организација, подготовка на работното место, итн. |
Очекувани резултати од учењето |
Резултатите од учењето се дефинираат преку целите и очекуваните резултати утврдени во програмите, за секој поединечен предмет. |
Оценување и награди |
Оценувањето на стекнатото знаење, вештини и достигнувања се врши постојано во текот на целиот процес на учење, со усни и писмени проверки и евалуација на подготвени проекти. Следењето на напредокот на вештините што се стекнати преку практична обука се врши од страна на наставникот и менторот што е назначен од страна на работодавачот. Покрај тоа, Државниот испитен центар спроведува екстерно тестирање за два предмети. Резултатите од ова тестирање се евидентираат во свидетелството за секоја завршена година од образованието. По завршеното стручно образование за занимања, се спроведува завршен испит со теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел се полага интерно. Практичниот дел се полага пред Комисија од наставници и работодавачи коишто се делегирани од страна на Коморите. Учесниците добиваат Диплома за положен завршен испит. |
Можности за проодност |
Учениците што завршиле СОО можат да продолжат на програма што води на универзитет, но, она што е уште поважно, тие ќе бидат подготвени веднаш да се вработат во некоја од индустриите во земјата. |
Пазар на трудот |
Главната цел на програмите за СОО е целосно да ги подготват поединците за работа во некој нов или постоен бизнис. |