Промовирањето на доживотното учење со истовремено давање придонес кон зајакнувањето и унапредувањето на интегрираниот систем што го поддржува неговото спроведување е во фокусот на проектот финансиран од ЕУ „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системот за стручно образование и обука и образованието на возрасните“ што се спроведува од страна на Британскиот совет и неговите партнери во конзорциумот - Центарот за образование на возрасните и DVV International, за корисникот, Министерството за образование и наука.
Главната цел на проектот е да воспостави динамична врска меѓу образованието и промените на пазарот на трудот, но и во севкупната социјална сфера.
Во рамките на Програмата за доживотно учење, Стручното образование и обука (СОО) и Образованието на возрасните (ОВ) играат фундаментална улога во подигањето на нивото на образованието и развивањето на вештините на младите лица и на возрасните, а со тоа обезбедуваат поддршка за можностите за вработување и социјалната инклузија.
Овој проект има за цел да им помогне, да обезбеди поддршка и да ги зајакне капацитетите на националните институции во реформирањето на системите за СОО и системите за образование на возрасни. Тимот e цврсто решен да работи на реформирање на процесите, а не само на исполнувањето на проектните резултати. Поради фактот што проектот е насочен кон зајакнување на соработката помеѓу центрите за СОО и ОВ, сите активности се добро координирани со релевантните институции.
Целни групи и партнери на проектот се:
Родителите и учениците
Работодавачите
Министерството за образование и наука
Министерството за труд и социјална политика
Центарот за стручно образование и наука
Училиштата за стручно образование и обука
Центарот за образование на возрасните
Давателите на образовни услуги на возрасни
Државниот просветен инспекторат
Универзитетите и високо-образовните институции
Единиците на локална самоуправа
Здруженијата на работодавачи
Коморите
Граѓанските организации
Овој проект, паралелно со спроведувањето на сите активности, посветува особено внимание на вклучувањето на ранливите групи и маргинализираните лица. Сеопфатните прашања што се однесуваат на родовата еднаквост, вклучувањето на лицата со хендикеп, малцинствата и возраста, исто така, се земени предвид.