Д-р Елинор Хасе, копретседавач на Меѓународното јазично здружение и поранешен генерален секретар на Европското здружение за образование на возрасни (ЕЗОВ) го водеше и го модерираше семинарот што се одржа во Берово на тема „Андрагогија: методи и техники на учење на возрасните“.
На дводневниот семинар што се одржа во периодот 23-24 март 2017 година, учествуваа релевантни кадри од работничките универзитети, училиштата за СОО, Центарот за образование на возрасни, Министерството за образование и наука, Министерството за труд, како и претставници од локалните агенции за вработување од источниот и југоисточниот регион на земјата.
„Целта на овој семинар беше промоција на методи и техники на учење на возрасни, во полето на андрагогијата познато и како андрагошки компетенции, но исто така и освестување на обучувачите во врска со влијанието на обуката врз учесниците, којашто е суштинска компонента за успех на програмите за учење на возрасни и за којашто е потребен посебен пристап. Општиот фокус на семинарот беше ставен на обука на наставниците“, рече г-ѓа Мариана Матаке, клучен експерт за образование на возрасни во проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на стручното образование и системите за образование на возрасните“, којшто е финансиран од ЕУ, а го спроведува Британскиот совет.
Преку групни дискусии и опсервација на учесниците на семинарот беа дадени неколку општи препораки. Прво, без оглед на претходното искуство со методите на настава со возрасни, практиката и редовните кратки сесии на обука поврзани со одредени предмети би биле многу корисни за да се поттикне користење на интерактивни методи на настава и учење на курсевите. Исто така, наставниците за курсевите за СОО честопати се соочуваат со потешкотии при воведување на други методи и техники што се различни од оние кои им се потребни само за извршување на работата, па затоа треба да се обрне посебно внимание на наставниците за СОО.
На долгорочен план, треба да се подготви основна рамка за обука на наставници и обучувачи кои имаат малку искуство или воопшто немаат искуство со настава или предавале само на деца. Оваа рамка треба да ги содржи најважните карактеристики за кои делумно се дискутираше на овој семинар.
Семинарот за методи и техники на учење на возрасни беше организиран како еден од проектните активности во рамките на севкупната тема на Доживотно учење.