На 15 и 16 март 2017 во Маврово се одржа дводневен семинар на тема „Доживотно учење и анализа на потребите на пазарот на труд“ на кој учествуваа 32 претставници од училиштата за СОО, работничките универзитети, Центарот за образование на возрасни, општините и единиците на локалната самоуправа, локални агенции за вработување, локалните Стопански комори и Министерството за образование од северозападниот дел на земјата (Тетово, Гостивар, Брвеница, Ростуше, Јегуновце, Врапчиште).
Целите на семинарот, организиран од клучните експерти на проектот финансиран од ЕУ – г-н Стефан Џон и г-ѓа Мариана Матаке, беа подобрување на способностите на учесниците за разбирање и спроведување на анализа на потребите на пазарот на труд, вклучително и анализа на потребите од обука, но исто така и развивање на способноста за критичка проценка на веродостојноста и корисноста на анализата на потребите на пазарот на труд. Семинарот го водеше и беше спроведен со помош на експерт од оваа област, професор Миомир Деспотовиќ од Универзитетот во Белград, Србија.
Главните теми кои се дискутираа во текот на семинарот беа поврзани со: концептот на доживотно учење во контекст на потребите на пазарот на труд, личните вештини како клучен аспект за социјален и економски развој, поврзаноста меѓу образованието и недостатокот на вештини, неусогласеноста и несоодветноста на вештини, како и постигнување рамнотежа меѓу образованието и вработувањето. Учесниците имаа можност да ги истражат овие теми од аспект на стручното образование и образованието на возрасните, како на локално ниво така и на ниво на ЕУ, да го прошират своето знаење и разбирање, да презентираат идеи и да разменат искуства.
Во агендата на семинарот беше предвиден и вовед во методите и процедурите за спроведување анализа на вештините што се потребни на пазарот на трудот. Преку работа во групи, учесниците ја проценија побарувачката на вештини на пазарот на трудот врз основа на демографските и образовните трендови во земјата и ја проценија потребата од конкретни вештини за пазарот на трудот во ЕУ врз основа на трендовите на вработување во различни професионални категории, како и врз основа на трендовите на вработување на работна сила во различни сектори.
Семинарот беше организиран во рамките на проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системите за стручно образование и обука и образованието на возрасните“ што е финансиран од ЕУ, а го спроведува Британскиот совет.