Учење фокусирано на ученикот се однесува на можностите учениците да ги водат активностите за учење, поактивно да учествуваат во дискусиите, да ги дизајнираат своите проекти за учење, да истражуваат теми коишто ги интересираат, и општо земено, да придонесуваат во подготовката на нивните студии. Наспроти тоа, имаме учење фокусирано на наставникот што се однесува на ситуации на учење каде наставникот ги контролира материјалите што учениците треба да ги научат и начините на кои тие ќе учат, на пример, кога, каде, како, и со кое темпо ќе учат. Во одделенијата/класовите каде учењето е фокусирано на наставникот, наставникот има тенденција да биде најактивно лице во просторијата и да зборува поголемиот дел од времето (на пример, со предавање, покажување концепти, читање на глас, или давање на инструкции), а учениците го поминуваат поголемиот дел од времето седејќи во клупи, слушајќи, фаќајќи белешки, давајќи кратки одговори на прашања кои наставникот ги поставува, или извршувајќи задачи и тестови. Воведувањето на учење со фокус на ученикот во училиштата за стручно образование и обука значи поактивен начин на учење, со подобри резултати.