Еден од најважните елементи на процесот на реформирање на СОО е иновацијата во рамките на наставата, учењето и оценувањето. Во минатото, процесот на учење бил базиран на училницата, а наставникот бил во центарот, при што користениот метод за испитување на знаењето било тестирањето.
Со реформираното СОО, фокусот е ставен на вработливоста и комерцијалното опкружување. Наставната програма ја предводат работодавачите, додека акцентот е ставен на примената и постојаните иновации. Реформираното СОО треба да ги направи наставата и учењето поекспериментални, поактивни, порелевантни од аспект на струките, да обезбеди можности за независно учење, но, исто така, и активности што се извршуваат во група.
Токму поради тоа, во август 2016 година, проектот за доживотно учење, финансиран од ЕУ, организираше обука за наставници по стручно образование со посебен фокус на модуларните квалификации. Исто така, вкупно 20 наставници учествуваа во обуката што се одржа на 20 октомври 2016 година во средното општинско стручно училиште во Велес.
Модулот е дефиниран како „кохерентен и експлицитен пакет на резултати од учењето и поврзаните критериуми за оценување со назив и ниво“, додека Квалификацијата претставува пакет на стандарди или модули за кои е проценето дека треба да бидат формално признаени со сертификат.
Модулите, што можат да бидат задолжителни или изборни, претставуваат клучен чекор кон постигнувањето на целосна квалификација, овозможуваат акредитација на работата реализирана од страна на учениците и ги исполнуваат потребите за учење или вработување. Истовремено, тие нудат флексибилност, мобилност, пристап и проодност.
Ние ги поддржуваме училиштата за СОО при спроведувањето на Квалификациите и решавањето на следниве прашања: акредитација, прием на учениците и големина на класовите, воведување и утврдување на распореди, стручна релевантност, кадри и тековни обуки на кадрите, потребни ресурси, осигурување на квалитет, циклус на ревизии и училишниот етос.
Со цел реформите на стручното образование и обука да бидат успешни, важно е првенствено да се ревидира наставната програма, ресурсите и условите за сместување за да се обезбеди рамка за развој. Следниот чекор е спроведување анализа на потребите од обука за да се идентификуваат можностите за континуиран професионален развој и, конечно, утврдување на модели на наставна програма и стратегии за настава, учење и оценување со кои ќе се реализира најдобрата практика во стручното образование и обука.